ДУХОВНОСТ

Дуалноста во човекот и уметноста да се биде целосен

На патот до лична трансформација соочувањето со другата своја страна, онаа невидливата, својата сенка е неизбежно. Не постои трансформација без да се помине низ рефлексија со самиот себеси, без сѐ она што идеализираме да се огледа во она што не сакаме ниту да помислиме дека би можело да се наоѓа внатре во нас. Карл Г. Јунг го развил методот на работа со својата сенка, но дури и да не се следат сите чекори кои тој метод ги опфаќа и направиме свесни напори да си ги освестуваме сопствените темни агли, тоа многу значи за развој и трансформација, не само поповршински на личноста, туку и целосно на битието.

Како е поврзана сенката со дуалноста на секое битие кое се крие во имињата јин и јанг?

Сѐ она што го гледаме и манифестираме надвор е истовремено и еден аспект на нашата личност, а сѐ што не се гледа и за кое ни самите не сме свесни е нашата сенка. Тоа се наши потиснати стравови, емоции, делови од себе кои не сакаме или заради одредни причини сме спречени да се манифестираат и слично. Двата аспекта јин и јанг, се исто така две страни на иста паричка. Јин е женска енергија, но тоа не значи истовремено дека жена мора да ги поседува само квалитетите на  тој аспект. Јин е ноќта, тој е пасивен, креативен, мирен, тој го има својството да акумулира. Јанг аспектот е машка изразена енергија која дава, тој е светлина, ден, доминација, движење и активност. Во однос на нашите надворешни манифестации и сенката, сенката е изразот на јин аспектот, а нашите надворешни манифестации се јанг.

Нашата определба според пол зависи од доминацијата на еден од аспектите. Зависно од тоа кој аспект кај нас доминира тој пол го носиме.

Трансформирајте се вие и ќе настане посакуваната промена кај сите наоколу

Ние сме колаж од дуалности – уметноста да се биде целосен не прави автентични

Светот не бил отсекогаш дуален, а со тоа дуалноста не била отсекогаш природна состојба за човекот. Сега се времиња кога човекот се враќа на својата изворна состојба, времиња кога тој колаж од дуалности што од една страна сме ние како личност со надворешни манифестации и нашата сенка, а од друга страна, во себе ги содржиме и машките и женските аспекти, квалитетите и на јин и на јанг аспектот. Истовремено некои нови трендови делуваат збунувачки уште повеќе оддалечувајќи го човекот на текот на природните својства кои се дадени со раѓањето од Изворот на сѐ што постои.

Соочувањето со сенката е многу важна задача на пат до трансформацијата на човекот кој сака да си овозможи духовен раст. Просто мора да ги пуштиме демоните да излезат од под креветот, да поразговараме со нив и да ги пуштиме да си одат затоа што таму не им е местото. Тоа се постигнува кога почнуваме да правиме рефлексија сами со себе, сфаќаме дека нашите манифестации се резултат на нешто внатре во нас кое тлее, а до сега не сме го препознале. За оваа вежба добра подготовка е кога првин правиме рефлексија со други луѓе за да сфатиме како се игра таа игра, како се одвива тој процес. Ако забележите дека нешто кај некого ве иритира или буди друго непријатно сознание, чувство или манифестација, таа личност ви укажува на истото или спротивното што е кај вас. Истото, затоа што тие служат како огледало, но ако кај вас се јави трпение наместо иритација, тоа би значело дека ваша е улогата на учител за другата личност.

Слично функционира и огледалото сами со себе, каде што другите може повторно да помогнат кога ќе ви бидат провокатор за некоја емоција. Сепак во овој случај најголем дел од товарот го носите вие и е потешко да се надминат овие ситуации затоа што мора едноставно да се соочите сами со себе, со што другите не носат вина, и не треба да се обвинуваат. Тоа се сепак чудовишта кои вие сами сте ги оставиле во некој агол од сенката.

Сиот овој процес мора да помине со многу превирања во вас. Може да има многу солзи, напливи на бес, лутина, чувство на слабост и несигурности, но сето тоа е дел од процесот. Согледајте во себе еден уметник кој можеби со боси стапала намачкани во боја оди и слика по платно. Ете тоа сте вие во случајот. Колку и да ви изгледа целиот процес како конфузен, вие во случајот сте уметник, а од сите тие дуалности споени со вашиот личен труд и работата на себе вие се составувате себеси одново за да дојдете до вашите оригинални поставки кои ве прават автентични.

Јин и јанг
ЗА АВТОРОТ

Marta Dimitrov