ДУХОВНОСТ

Духовната преобразба ќе ве натера да минувате низ се’ и сешто

Кога ќе се спомне духовно воздигнување на многумина им минува низ глава мантрање и медитирање, истегнување и јога асани во природа, и многу позитивна енергија. Меѓутоа, во суштина, метаморфозата или духовната преобразба нема врска ниту со позитивната ниту со негативната енергија. Напротив, таа значи целосно отпуштање на тие два аспекта и токму тоа е можеби најтешкиот дел од тој процес.

Кога минувате низ процес на преобразба веројатно е да имате периоди кога ќе бидете воздигнати од вашето духовно водство без разлика што самите не сте свесни дека сте водени. Веројатно е да поминувате низ цели денови и недели кога ќе бидете повеќе во врска со вашите длабочини и кога ќе ви биде полесно да се соочите со некои ваши стари рани и емоции.

Соочувањето со сенката е исто така едно неопходно искуство на тој пат, а и токму тоа е она што може да ве поведе на таа патека на која ќе ги одлепите од себе позитивното и негативното истовремено. Во секој случај, ако успеете да ги прифатите болките на вашата темна страна или сенката, можеби и повторно ќе влезете во вителот на позитивното каде што таа внатрешна сила што доаѓа директно од Изворот ќе ја прифатите како позитивна. Многу е важно притоа да знаете дека вистинска метаморфоза се случува кога ние стануваме само искуство – што е најважно за душата и притоа испливуваме над дуалноста. Нели, искуството може да биде и пријатно и непријатно?!

Обичното секојдневие постојано става на тест

После долги и исцрпни моменти кога можеби сте биле и во поголем дел повеќе во комуникација со вашата интуиција, може да дојдат сосема поинакви денови и моменти во кои вашето секојдневие ќе ви изгледа доволно бесцелно за да помислите дека не сте направиле ама баш никаков духовен напредок. Секогаш имајте на ум дека сѐ е дел од Божјиот план, па така дури и тие незначителни моменти кога и самите не знаете зошто сите моменти ви се чинат безначајни или ве влечи удолу некоја летаргија, длабоко во себе гледајте ја светлината.

За да не дозволите да имате лесно кршлив дух, во оние периоди кога сте вивнувани високо и кога сте водени кон повисоки цели и кон поголемо духовно будење, нурнувајте во својата маленкост, едноставност и скромност, а истовремено вечност. Како што е онаа реченица, удолу длабоко, угоре високо, имајте на ум дека пред Изворот сме секогаш мали ако се однесуваме како да ние се поседуваме, а тој секогаш ни дава многу ако си дозволиме да бидеме она што е зрното песок за пустината и го прифатиме тоа со мудрост.

Мудроста е всушност она најважното кое го добиваме од Изворот и кое го враќаме таму или го носиме како искуство и несебично го споделуваме. Затоа, тоа знаење секогаш се бара и длабоко во себе, а што сме ние за сиот универзум и Изворот односно Бог ако не едно зрно песок во пустина?! Тоа е можеби и најважниот тест пред кој сме постојано изложени: колку сме ние скромни и колку сме спремни да ја признаеме нашата маленкост пред божественото, како и да бидеме еднакво свртени кон духовните аспекти на животот, особено кога не чувствуваме дека нешто посебно се случува во нас.

Дрво во вид на ангел чувар
ЗА АВТОРОТ

Marta Dimitrov