Ева Димитров Кузев е млада жена, сопруга, судија по вокација и мајка која се соочува со многу предизвици на семеен план. Според напишаните космички правила за првата своја ќерка е сведок за дете кое расте и се развива во прекрасна личност со многу големо срце и таленти, потреба да креира и резонирање на кое може да позавидат многу родители.
Предизвиците на Ева со втората ќерка почнуваат во времето на пандемијата кога за четиригодишната Бела лекарите на неонаталниот оддел во ГАК „Мајка Тереза“ не полагаат многу надеж. Сепак, таа неизвесност не ја фрла Ева во очај, туку и дава дополнителна сила да се бори со сите премрежја кои може да се најдат на патот за нејзината новородена ќерка да се избори за својот живот.
Соочувајќи се со секојдневието, Ева вели дека воопшто не е лесно да си во нејзини чевли, но дека тој предизвик полн неизвесности за здравјето на Бела неа и е даден да ја промени на подобро и е нејзина неизбежна животна мисија која ја прифаќа како да е специјално одбрана за неа. Или, што би се рекло народски, Бог ти дава онолку колку што можеш да издржиш.
Ева ми е сестра, но тоа во овој случај е само показател дека нејзината трансформација ја сведочам одблизу секојдневно. Во период кога Бела со Ева и семејството се изложени пред нов предизвик и нови третмани, решив да ја прашам Ева неколку прашања со кои ќе ми ја долови суштината на нејзината трансформација како и потешкотиите кои се дел од нејзиниот живот нон-стоп.
Ева добредојде на duhovnametamorfoza.mk. Ја имам честа да разговарам со тебе како личност која не ведне глава пред предизвиците. Дали би дополнила нешто на она што го кажав во воведот и дали добро сум оценила дека твојата лична трансформација е поизразена со раѓањето на втората ќерка?
Добро те најдов, Марта. Ти благодарам за поканата и за укажаната чест за разговорот. Во суштина, тоа отприлика во кратки црти и јас би го кажала за себе, со тоа што можеби би додала дека промените кај мене наѕирааа и претходно, во периодот кога се роди мојата прва ќерка и кога во истиот период ја посетував Академијата за судии во Скопје. Тогаш започнаа деновите на издржливоста, главно физичка, од аспект на секојдневно патување, следење на настава и учење и истовремено соочување за прв пат со улогата на мајка со бебе кое ретко спиеше и беше многу темпераментно. Сепак, трансформацијата започна кога се роди Бела.
Што најмногу се промени кај тебе? Дали може да конкретизираш две-три нешта кои порано биле карактеристични за тебе, а сега не се во збирот на твојата личност?
Прва работа што би ја посочила е перцепцијата на нештата, на луѓето, на ситуациите. За разлика од порано, сега многу пошироко, повеќедимензионално ги гледам работите. Научив дека се што ни се случува, се случува со одредена причина која секој од нас треба сам да ја пронајде, но и да дозволи таа да му го отвори патот кон личниот себеразвој. Вистински го сфатив значењето на реченото дека клучот за среќен живот лежи во тоа да ги променуваме нештата што не можеме да ги прифатиме, но и да ги прифатиме нештата што не може да ги промениме. Тие ни се дадени заради некоја цел. Луѓето што ги сретнуваме секојдневно и во разни ситуации се исто така поврзани со некоја причина заради која ни е дадена можност духовно да растеме. Доживувајќи ги нештата на овој начин, се почесто почнав да чувствувам благодарност за она што ми се случува, без оглед дали е тоа добро или лошо. Поларитетите никогаш не постојат толку изразено, колку што нашиот ум може да ги искреира. Во мене почнаа да се прелеваат белите и црните нијанси, па чувствата со тек на време добиваа некаква глаткост. И во таквото перципирање ми дојде до израз благодарноста – за случките, и убавите и неубавите, сфатени како лекции и како можности да научам нешто од нив. Од друга страна, кога на ваков начин почнав да ги доживувам нештата и луѓето, почнав да го губам стравот од губењето контрола врз работите, нешто што доцна сфатив дека било дел од мојот претходен mindset. Втора поважна работа што сметам дека сум ја променила, а се надоврзува на првата, е мирот и спокојот што почнав почесто да ги чувствувам, посебно во ситуации кога не можам да ги променам нештата. Ова, во смисла на тоа дека ги оставам работите да се случат така и тогаш кога треба да се случат, се помалку чувствувам вознемиреност ако нешто не се одвива според планот или ако се појави поинаков план. Заради тоа станав и многу пофлексибилна. И трето, но не помалку важно нешто, е дефинитивно разбирањето за другите. Ако порано ми се случувало без посебна причина да осудам некого за нешто, да искритикувам некого за неговото однесување, сега тоа не го практикувам. Едноставно сфатив дека сите ние вибрираме на различна фрекфенција, различно ги перципираме работите во зависност од нашата свесност за нештата, па во таа смисла не може да очекуваме сите ние да имаме ист одговор на работите. Од друга страна, секој го носи товарот на своето постапување и во зависност од однесувањето спрема себе и другите ние креираме последици за нас и за нашите поколенија. Судењето од страна е апсолутно непотребно и тоа треба да му го препуштиме само на Создателот.
Имаш ли време за себе? Светот на родителите најчесто кружи околу оној на децата, но кога се има четиригодишно дете кое бара постојан надзор и нега, дали Ева има неколку часа неделно за себе?
Искрено, многу малку време и личен простор во денот. Имам обврски како и секој родител, но и малку поинакви, со оглед дека Бела е дете со посебни потреби, па се трудам колку што можам од времето да посветам на нејзината рехабилитација. Од друга страна, работам полно работно време, и тоа професија која бара голема посветеност и носи огромна одговорност. Мене лично ми е сфатена како мисија која ми е дадена во насока на донесување промена преку вистинско правораздавање меѓу луѓето. Одвојувам по два часа неделно за зумба час, тоа ми помага многу затоа што музиката ми е лек, a откако се вративме од Мексико каде Бела имаше експериментален третман за регенерација на мозочето, добив инспорација да се запишам и курс по шпански јазик. Тоа се вкупно три часа за личен простор во неделата кои со сета сила се трудам да ги задржам за да го зачувам сопствениот идентитет, да се најдам себеси во целата моја животна приказна во која енергијата главно ми е насочена кон другите. Впрочем, во последните неколку години научив да бидам среќна со многу малку време за себе – задоволството понекогаш ми доаѓа и од половина час подготовка на оброк за на работа додека сите дома спијат, од испиен чај рано наутро на терасата во домот во заедно со црцорот на птиците во пролет, по некој спонтан кафе-муабет на пауза на работа или во парк во лето, по некоја неколкуминутна случајна средба со познати добронамерници кои сум ги сретнала спонтано по пат, понекогаш по некоја страница од некоја книга навечер пред спиење или ретко дел од некој добар поткаст на некој од каналите за духовна пракса и сл.
Во што се состои најмногу твојата духовна метаморфоза? Како препозна дека ти се случува токму таква промена на внатрешен план?
Во освестувањето и прифаќањето – на нештата и ситуациите во животот. Иако не го правам постојано, сепак во најголем дел од денот почнав да живеам свесно и присутно, да делувам целно, а не механички, а во овој дел најмногу ми помогна универзумот. Ние секојдневно добиваме насоки и пораки за тоа како треба да делуваме, но нашето рутинско функционирање во материјалниот свет често ни ги замаглува тие знаци и не ни дозволува да ги согледаме знаците кои секојдневно ни се испраќаат заради наше водство во овој свет. А толку е едноставно да ги следиме, треба само подзапреме, да создадеме свест за она што во моментот го гледаме, слушаме или чувствуваме, патем истото да го набљудуваме, трудејќи се да останеме што е можно понеутрални и конечно истото да го прифатиме, без да се спротивставуваме. И тогаш се отвораат можностите. Кога ќе ја подесиме нашата перцепција вака, многу е полесно да функционираме, без оглед дали се соочуваме со мал и голем проблем односно пречка. И кога на ова ќе ја додадеме свеста дека разумното објаснување за работите во сегашноста не секогаш ја дава целосната слика за нив, свеста се повеќе почнува да му ја генерира на умот потребата од трпението да се сочека вистинскиот исход кој можеби е сосема различен и неочекуван во однос на моменталната перцепција на проблемот. Кога ова станува секојдневна пракса, тогаш ние стануваме издржливи и силни, не толку физички колку ментално, а таквото функционирање станува рутинско и почнува да се случува само по себе. Кога се случува така, е тогаш имаме основа вистински да му се радуваме на животот, без оглед на тоа колкаво е бремето што го носиме. Почнуваме да го живееме секој момент како свој и посебен, умееме да се израдуваме во даден момент, без оглед на тоа со каков товар притоа се соочуваме.
Ова е сложен внатрешен механизам. Но кога еднаш ќе успеете да почувствувате како фунционира, секогаш ќе се враќате на обидот да го повторувате, затоа што моментот кога ќе ја почувствувате вистинската среќа која не се поврзува со материјални или духовни задоволства, туку единствено со мир во душата, засекогаш ќе го промените вашиот поглед кон нештата. Мене ова почна да ми се случува интензивно по раѓањето на Бела. Од тогаш поминаа скоро 5 години, а јас сѐ уште сум на патот на оваа метаморфоза. Воопшто не е лесно да се функционира на овој начин затоа што живееме во енергетски турбулентно време во кое особено во семејството и работата секојдневно од нас постојат разни очекувања, па заробени сме со многу обврски кои нѐ механизираат и нѐ оддалечуваат од нашата суштина како Божји креации. Не успевам секогаш да функционирам вака, па има моменти кога се враќам на старите обрасци на однесување и се идентификувам со мојот ум и мисли или со моите улоги во животот наместо да бидам неутрален набљудувач кој во себе носи душа која е бесконечна, па знам на кратко и да останам заробена во тој лавиринт на сопствениот ум, но секој следен пат побрзо се враќам на улогата на набљудувач која е клучна за да постигнеме смирение на душата и да бидеме вистински среќни.
Дали некоја духовна пракса е дел од твоето секојдневие? Без разлика дали се работи за јога, медитација, молитва, благодарност и слично, дали имаш време да ги вметнеш тие мали, а големи нешта во агендата и кој е бенефитот од тоа?
Да бидам искрена, во последно време многу малку наоѓам време за јога или медитација, но често знам да остварам интроспекција со себе си во некоја форма што сама за себе спонтано ја практикувам – тоа е молитва која ми извира од душата без претходно подготвување и секогаш од потребата на мојата душа во даден момент. А таа потреба често е само изразување на благодарност за свеста, способностите и божествената помош да си го носам сопствениот крст, но и за сите плодови во животот со кои Бог ме благословил. Друг пат тоа е одредена техника за приземјување или прочистување на телото и умот од секојдневното таложење на енергетското влијание на луѓето и околината, свесно дишење или слушање звуци подесени на одредени фрекфенции кои ја лекуваат душата.
Твојот пат е трнлив, а патот на малата Бела уште потрнлив ако нема луѓе кои ќе го расчистуваат патот и ќе направат сѐ за таа да биде здрава. Што би им препорачала на родителите кои се соочуваат со слични предизвици, но и на сите кои имаат одредени проблеми во животот кои ги третираат како нерешливи?
Прво, да прифатат дека им се случува тоа што им се случува. Потоа, да ги отпуштат нештата и да им дозволат да се случат, но истовремено да бараат начин да ги променат. Таа дуалност на прифаќање и истовремено спротивставување на проблемот со пронаѓање на разни механизми на решавање е клучна. Секогаш прифатете ги луѓето што ви доаѓаат во животот, затоа што верувајте сите имаат одредена улога кога ќе се појават во даден момент од вашиот живот. Прифатете ги и промените што ви се случуваат секојдневно особено оние што ги доживувате неподготвено и неочекувано. Сите тие се во насока да ви помогнат во составувањето на вашата животна сложувалка. И патем, додека ви се случува животот онака како што ви се случува, дишете и радувајте се на се што можете, а верувајте секојдневно може да најдете мотив за да се чувствувате убаво. Симнете ги прво очекувањата од животот со кои секојдневно си создавате притисок, оставете го стравот на страна и ќе ги тргнете бариерите од себеси, а кога ќе успеете да го направите тој внатрешен дијалог со себе, полесно ќе функционирате со другите. Љубовта е таа која ќе ви помогне да успеете. Запомнете дека не сте сами. Сите сме Божја креација која постојано има водство и помош од невидливи сили. Искоритете го тоа мудро и животот ќе ви биде полесен и поудобен за живеење.
