ИНТЕРВЈУА

Интервју со Татјана Димитрова – Децата како причина за преобразба

Татјана Димитрова е мајка на едно дете, по чие носење на свет таа се соочува со неизбежен развод. Што настанува со една жена кога нема многу поддршка од машкиот родител, и кога треба да биде и мајка и татко на детето во најголем дел од времето? Со кои предизвици се соочува? Дали институциите правилно си ја вршат работата?

Што е причина за да го започне секој нов ден со борба одново и одново и дали таа доживеала некоја преобразба, дали нешто се сменило во неа?

Добар ден, Татјана! Добредојде на duhovnametamorfoza.mk. Како моја блиска роднина имав прилика да видам одблизу со какви потешкотии се справуваш во твојот минат брак и што те чини борбата за твојот син. Кажи ми колку е тешко да го гледаш твојот син како расте без поддршка од втор родител во секојдневието, кога сте со други луѓе?

Здраво Марта, пред сѐ би сакала да ти се заблагодарам за приликата што ми даде за интервјуто. Што се однесува до прашањето, многу е тешко. Тешко ми е не толку за мене, колку за дететото кое чувствува празнина додека ги гледа другите деца кои секојдневно се и со мајка и татко. Дефинитивно не е исто и особено затоа што другиот родител го многу толку ретко за да не може да оствари поцврста емоционална врска за да се поврзи со него и празнината од другите денови да се исполни.

Дали институциите се на твоја страна и колку е важно да се биде професионален во социјалната работа? Дали сметаш дека неправдите понекогаш доаѓаат и оттаму?

Од мое лично искуство немам позитивен одговор на ова прашање затоа што врз моето дете се нанесе многу голема неправда во соработката со социјалната служба. Верувам дека нивната професионалност треба да биде примарна за сѐ да биде во интерес на детето, како што велат и тие, но моето искуство покажа дека тоа баш така и не функционира. Сепак како родител кој е постојано со тоа дете, многу работи ги знам од прва рака и за детето и за случувањата со таткото, а тие земаат многу одлуки само во свои раце, без да се консултираат со мене или да ме сослушаат.

Што се смени во тебе откако го роди твојот син, како се смени ти како личност?

Сфатив дека животот е борба и патот мора да го одиме, како и дека сум многу појака личност која може повеќе да издржи, отколку како што мислев претходно за себеси. Станав мнногу поодговорна не само како мајка, туку тоа ме зацврсти и мене како возрасна особа која мора да се соочува со своите одговорности. Дефинитивно мајчинството е одговорна улога, а во мојот случај каде што најчесто сум и мајка и татко теретот на одговорностите паѓа на мој грб.

Твојот син е опкружен со љубов. Што мислиш, колкаво е значењето на тоа едно дете да расте со луѓе што тоа ќе му го пружат, наспроти семејства во кои луѓето многу не изразуваат емоции?

Најважната работа кога гледам кон иднината е син ми да е опкружен со љубов и да знае дека тоа е норма за среќен живот. Сакам да има во главата слика за тоа што значи да се биде сакан и да нема последици од недостаток и празнина која би ја предизвикало некое непријатно опкружување во кое има студенило и нема многу поддршка и разбирање еден за друг. Затоа ми е драго што можам да му ги пружам поддршката и разбирањето од околината.

Која е твојата главна карактеристика како личност со која успеваш да го одиш твојот пат?

Во целиот случај со него сакав само да ја истерам вистината на виделина и да има правда. По тоа забележав кај себе дека сум упорна и дека не се откажувам, не дозволувам било кој или што да ме скрши, се борам со сите сили да биде сѐ како што е правично и фер за моето дете, притоа недозволувајќи никој да му наштети. Тука како особина би можела да ја спомнам и претпазливоста.

Што мислиш после сите случувања како со детето, така и со сега поранешниот сопруг, дали пак е можно да ти се случи љубов?

Мислам дека е можно ако таа љубов е здрава и прифатена од двете страни со целокупната животна ситуацијата. Мора да се гледа напред затоа што јас сфатив дека животот има две страни, една што ја живееме и една за која сме помалку свесни, и верувам дека Бог секогаш има план за нас. Ова го кажувам од лично искуство, кога изгубив надеж дека нешто може да трне кон поубави случувања, тогаш се појави личноста што ме увери во спротивното дека и децата не се пречка за љубовта да се случи повторно и сум многу благодарна за тоа.

Што би им препорачала на читателите на страната кои се соочуваат со сличен проблем?

Јас им препорачувам на сите кои се соочуваат со слични проблеми да не се плашат и да се борат за своите деца и кога се во прашање институциите и кога постојат големи недоразбирања со другиот родител. Бог секогаш ни дава толку колку што можеме да издржиме.

ЗА АВТОРОТ

Marta Dimitrov