ДУХОВНОСТ

Кога не можете ниту напред ниту назад, верувајте во уметноста на малите чекори

Би сакала да почнам со тоа дека и оние кои се постојано посветени на својата трансформација доживуваат немили настани кои одбележуваат цели периоди. Сепак би рекла дека кај нив е неминовно да се случат такви периоди за да се заокружи некаков трансформативен круг и да се почне друг. Тоа е нивното примопредавање на старите кожурци. Е сега што следува после тоа?

После некаков долг исцрпувачки период на мачење на душата, криза на психата, болки во телото, итн., душата си го бара долгоочекуваниот одмор и таа бара механизми како да дојде до тој одмор. Еден начин може да биде таа целосно да се стиши и личноста да стане асоцијална, да нема волја за дружење и разговор, иако желбата за животот да си стои. Тоа е механизам на душата да се заштити од целосно исцрпување, а не некаков тип на сериозна состојба врз која треба да се нурне и детално да се испитува.

Кога душата не вели ниту да, ниту не, тука е уметноста на малите чекори

Има такви моменти во тие периоди кога едноставно нормалноста ја врзуваме со цел ден во кревет, со повлекување, со отупеност на емоциите, и тоа се симптоми кои секако не треба да се игнорираат. Сепак, итноста на лекувањето на тие симптоми може само да ја влоши ситуацијата. Затоа тука е важно да сме умешни со малите чекори. Уметноста на малите чекори се состои во тоа да си зададеме една мала задача како цел за идниот ден и да ја исполниме. Да се помолиме за истата да имаме сила да ја направиме и да се заблагодариме кога ќе го воочиме ефектот.

Еден пример би бил, да речеме ако ни е тешко да станеме наутро свежи и да се извлечеме од креветот иако рано сме си легнале и сме спиеле доволно, за почеток може да си поставиме за цел да бидеме благодарни ако идниот ден станеме со малку повеќе сила и малку посвежи.

Благодарноста и молитвата, не некакви официјални, туку оние кои ни лежат при срце, кои ни доаѓаат спонтано и природно се основен лек во сите наши ситуации.со благодарноста го подигнуваме нивото вибрациски, а со молитвата даваме конкретно објаснување на она што ни е потребно.

Комбинирајте ги вашите мали чекори со нив и сведочете ги своите успеси.

ЗА АВТОРОТ

Marta Dimitrov