Јули 2024 година, сред големи горештини кои не се забораваа така лесно. Отприлика шест часот и триесет минути. Локацијата е тревник на околу дваесетина метри од автобуска постојка спроти Олимписки базен. Човек со брада, бела, облечен доволно пристојно за да не личи на бездомник, но со лик на некој кој никогаш немал дом и сега бара од Бог да го прибере при себе оти тука му студи.
Некои од патниците се упатија за помош, меѓу кои и јас.
“Оставете, девојчето ќе праша”, слушнав.
“Да не Ви е лошо?”, прашав
“Не”, едно уморно, што би се рекло како да беше на мала душа.
“Да не сте гладен? Ви требаат ли пари за јадење? Да Ви купам нешто…”
Уште едно “не”.
“Да викнам брза помош, сигурно ли не Ви е потребно ништо?”
Мала пауза и уште едно кратко “a” речиси како измолен крик.
Тргнав на кај местото каде што требаше да стигнам навреме и по пат ми дојде мисла оти може му бил потребен разговор, може, жена му го избркала на улица, може дошол на раб на очај каде ништо од моите глупави прашања не е применливо.
Често помислувам на оваа ситуација и се прекорувам зошто не седнав кратко на тревата и не прашав:
– Што Ве мачи?
– Зошто изгледате како да сте многу очаен?
– Верувате ли во нешто, во некој невидлив чувар?
Ќе имаше многу поголем ефект и од сендвич, и од брза помош и од пари. И така кога мислам на ова наоѓам изговор за тоа дека и јас сум жртва на општеството.
Заклучок
Во барем еден дел во надворешните случувања секогаш се гледаме себеси како во огледало. Ако во одреден момент сте согледале дека му фали разговор, можеби тоа ви фали вам, ако ви фали засолниште исто, ако ви изгледа како да му фали емотивна поддршка, можеби тоа ви фали вам. Ете, тоа се вика ефект на огледало, и е една добра техника со помош на која можете да дојдете до многу лични внатрешни откритија, при што ќе можете да работите со личните борби кои често се припишуваат на борбата меѓу добриот и лошиот волк. А дури да прочитате и за една друга верзија на таа приказна, размислете дали добриот волк е толку добар ако дозволува само тој да се храни, знаејќи дека постои и т.н. лош волк таму каде што е и тој?!
Фото: Слика – акрил на платно од артист Горан Боев
