Животот го живееме како вечна потрага по нешто. Ако сте млада и помалку искусна душа, тоа веројатно ќе биде материјален статус, световен живот, сопруг, сопруга, деца, фамилија, кариерен успех. Ако сте зрела душа, веројатно вашата потрага по вистината ќе ја реализирате низ голтање на разноразни филозофии кои би требало емпириски да го задоволат вашиот ум за кој сѐ уште ќе тврдите дека е непобелив и главен диригент на човечкиот живот. Ако сте стара душа, веројатно е многу сознанија од вашите претходни инкарнации да ви се веќе пракса, па сега да се обидувате да ги дефинирате и отфрлите кожите под кои се крие нектарот на вашето постоење кој апсолтно не го засегаат вашите материјални поседувања.
Како да ги тргате слоевите еден по еден?
И како работите на тие слоеви кои се најчесто напластени стари емоции, уверувања и навики, така спознавате како се создале и уште поважно, од каде потекнуваат. Тогаш, во моментите кога ќе согледате дека одредена шема се повторува низ разни ситуации и со сосема различни луѓе, но кои ја имаат една единствена иста карактеристика која ја тригерира таа ваша одредена емоција или уверување која толку време ја носите како нешто со кое се идентификувате или сте го зацементирале како дел од вашиот карактер, повторувањето станува очигледно, а со тоа и самата шема станува освестена. Што е следно? Следно е да го искористите освестувањето како оружје во дадена ситуација. На пример, вие се сметате себеси за личност која не подесува доминација, авторитет. Истовремено, во околината имате човек кој упорно го наметнува својот авторитет на вас. Бегство во овој случај е ако продолжите со ставот дека вие едноставно не поднесувате авторитети. Соочување е, кога во една или повеќе ситуации по ред ќе дозволите таа личност да ја погледнете како авторитет, а со тоа и таа да биде тоа за вас.
Што чувствувате? Немоќ? Очај? Страв од авторитети? Да, можеби вие ја криете својата немоќ позади категоричното неподнесување на авторитети. И така, од ситуација во ситуација. Некогаш можеби ќе се молите за помош, некогаш само ќе плачете, некогаш ќе бидете изнервирани, се додека не дојдете до момент кога ќе ја погледнете таа личност и ќе сфатите дека имате една заедничка работа со тој кој доминира – немоќта. Вие сте биле немоќни да се спротивставите на притисок, а оној кој покажува доминација ја голта немоќна природно да наметне почит и употребува сила. Логично нели? Веќе сте почнале да го отварате патентот на таа облека. И така, како при примена на една вежба, мускулот ви станува посилен со секоја наредна ситуација и, нема да ви атрофира ако вежбањето не ви е обврска, туку стил на живот.
И така, слој по слој…
Што има под слоевите?
Сте посакале некогаш да имате сѐ што ви е потребно и да не се грижите за ништо? Што е причината позади сето тоа? Ние не трагаме по совршенство, ние трагаме по тоа да ги оствариме секојдневните обврски за да постигнеме мир: чекаме одмор за да имаме мир од работа, викенд – за мир од работната недела, крај на работно време – за мир во денот. Мир – одмор – многу слично, само што одморот е привремена категорија, мирот е вечна.
Нам ни е тешко да се соочиме со предизвиците секој ден тогаш кога имаме тежина од состојби кои не сме ги разбрале, победиле и излекувале, та ги носиме на себе како дел од она со што се идентификуваме. А дали сме навистина ние тие нешта, или сме ги добиле попатно? Како еден војник во војна, млад и неизвалкан, оди на почеток на бојното поле полн елан со мисла дека ќе донесе некакво ослободување или мир на една територија. На крај, територијата е слободна, но тој носи крвави траги, таруми од губење на војнички другари, тешко преживување со месеци или години и уште што не, и патем, едно благо чувство на олеснување дека територијата е слободна. Луѓе кои биле дел од време во кое се војувало никогаш немаат спокојна насмевка кога оскудно раскажуваат за тие времиња затоа што го носат товарот на тие времиња. Територијата е слободна, но тие се доживоти заробеници на идејата за слобода која во пракса не наликува ни малку на она што се знае од теорија – да се добие мир со војна. Зошто? Ним длабоко во себе им е јасно дека мирот е поединечно во секој човек.
Што значи да сте самиот мир?
Моментот кога вашиот живот ја губи секоја смисла која некогаш била интересна за вашиот ум и кога ја сфаќате смислата на она дека смислата е во тоа душата да собере искуства и да ги понесе со себе при враќањето онаму од каде паднала, а притоа тоа не ви е воопшто тешко да за варење, туку ви е многу нормално и природно, е почетокот на вашата лична шамбала.
Тука испливуваат на површина многу работи: колку е навистина неопходно да се исполнат вашите земски желби, колку навистина имаме контрола врз она што се случува во животот, колку навистина имаме контрола врз себе, колку имаме слободна волја, а колку имаме само избор во разни ситуации за што однапред се знае одговорот итн.
И ако барем дел од вас почувствува колку е божествено да се биде предаден на космичката игра, ќе почнете да осознавате дека баш таму под сите слоеви секогаш сте само вие во блажена состојба која може да се идентификува со значењето на зборот мир. Тогаш ќе ја сфатите и тежината на слоевите со кои до тогаш сте се идентификувале но, тие веќе нема да ве спречуваат да ја манифестирате својата автентичност.
А сѐ уште ќе стојат околу вас, ќе ги гледате постојано и ќе бидете свесни за искуството кое ви го дале, затоа што тоа се ваши демони. Зашто ние никогаш не ги победуваме демоните, само доволно се издигнуваме над нив за да не нѐ срушат повторно. Ете затоа и мир не се добива со војна, само се доаѓа до него сфаќајќи дека тоа и сме, а искуството ни помага тој мир да постои и понатаму и да не дозволиме било кој да го наруши.
