Најболната рана ја чувствувам во десната рака. Првин се појави како некоја анксиозност, а што е основа на анксиозноста ако не стравот?! Ми се јавува слика од за мене позната личност во моето опкружување како ми ја стега раката како не сум доволно добра во тоа во тоа што го работам. Чувствувам страв од таа доминантност и мојот став дека не поднесувам авторитети конечно се изедначува со стравот од истите.
Болката во вид на стисок и страв постои, но на пат сум кон разбирањето на тоа што е пострашно од авторитетите – да не си ја вршам должноста – дармата посветено. Каде ми е должноста мене ако не во пишувањето со цел да се пренесат вистини во пишана или аудио верзија?!
Бегам или не можам да најдам оправдан начин со кој би егзистирала според општествените правила, па немам цврст став дека треба дисциплинирано да ја вршам должноста. И секогаш кога се вртам кон она што се нарекува нормален живот, виша сила ме соборува на земја и ми покажува како „општествените стручњаци“ ги решаваат тие мои дизбаланси кои ме вадат од колосек. Нормалното функционирање е лесно решливо, но проблемот кај мене настанува ако пробам да коегзистирам со другите во општествениот систем по земски правила. И додека дизбалансот се третира институционално, медицински, јас лично си ги редам слагалиците во мене да сфатам зошто ми секнала љубовта спрема себеси или некој нешто оштетил за да не можам да го одржувам себељубието…
Тука до таа точка на одлевање на љубовта која би требало да е двонасочна улица има уште една точка на пропуштање, чиниш бунар без дно, каде без некој ред и причина се бара од мене да ја прикажувам и докажувам, па и оправдувам целта на моето постоење.