Сите луксузи на телото
кои се однесуваат на неговите удопства
при што се ужива
скапа храна
пренагласена естетика на домот
брендови на крпи кои ја кријат голотијата
и други опипливи нешта
се извор на незадоволство
зашто тие ни ги кријат тажните погледи
и телата згрчени од тага
свиткани како баварски перек,
тие се маска за проживеаните животи
за отсуството на основна радост
вкочанетост на човечката полетност
и сакање на животот
како живот
како битисување
како енергија.
Притоа
на материјалните совршености
секогаш им фали шарм.
Да не зборуваме за длабочина!
И дури го мазниш лицето
ја чешлаш косата од која ништо не штрчи
или дури плаќаш многу пари за бренд
помисли
колку ќе е важно сето тоа ако го немаш
но притоа дури се смееш ти игра стомакот
и дури одиш по улица некако потскокнуваш
та дури и плачеш понекогаш од болка
а сето тоа е така вистински
што телото ти вибрира живот?!
Ние често невротично се нишкаме
та сакаме баланс меѓу материјата и духот
а изборот е еден
дури другото наклонување
е само прилагодување.
