Постојано трагаме по среќа
трчајќи кон нашето внатре и надвор
и тоа истовремено,
растргнати помеѓу двете крајности
збунето гледаме во видливото
веруваме без прашања
дури приказните стануваат вистина.
Среќата не е возбуда
ниту е возбудата нејзина кулминација
таа не е ни проект со крајна цел
туку е дејство со волја заедно.
Нејзиното постоење
смислено е променливо во сечиј живот
притоа таа никогаш не е целосно отсутна
само привремено отстапува место
на тагата
на здодевноста
на окупираноста со проблеми
на сѐ нешто нарекувано несреќа.
Среќата се содржи во едноставни нешта.
Така
често можеме да ја слушнеме во тишината
ако таму сме присутни.
