ПЕСНИ

Стопирање на секојдневието

Ти се случува ли често читателу
да посакаш бегство од рутините
да има копче со кое
секојдневието се стопира
и ти остануваш со себе
во безвременски простор
со право да делуваш
според најинтимните потреби?

Ти се случува ли?

Те прашувам

не оти сакам да знам
дали сум сама во таа каша
туку тебе да те чукнам по рамо
и да ти шепнам тоа е нормално
да ти потврдам – тоа е многу понормално
од сите “општествено-нормални” делувања.

Оди до крајни граници

истоштувај се, не е забрането
но таму на работ
ќе се гледаш секогаш само себеси – очаен
и секој пат одново ќе треба да учиш
зошто си стигнал пак таму.

Без оддобрувања –

земи ги уздите во кои си впрегнат
и сфати –
ти си и коњот и кочијашот и кочијата,
а времето е само циклична појава.

Саатот е измислица на општеството.

ЗА АВТОРОТ

Marta Dimitrov