Без разлика каква духовна пракса практикувате, духовниот раст е ретко константен процес, особено ако се трудите да балансирате меѓу секојдневието кое општеството го бара од вас и вашите духовни потреби и трагања.
Често се случува да поминете низ некој поинтензивен период на метаморфоза кога од себе ќе отфрлите стари или штетни слоеви кои ви го сопирале целокупниот духовен раст. Истовремено, општествениот развој е неминовно да се случи кога живеете избалансирано, свртени кон вашата внатрешност, но без целосно отфрлање на општествените улоги.
При поинтензивно духовно трагање проследено со промени во вашиот внатрешен свет кои секако, се одразуваат кон надвор, кон вашиот стил на живот, однесување, начин на исхрана, организација на секојдневието и слично, телото како возило на вашата душа преку кое искусувате и физички, и емотивни, но и душевни искуства, е уморно и потребен му е одмор. Овие искуства може да предизвикаат физичка болка, раздразлива емотивна состојба, поблизок контакт со вашата душа преку интуицијата и слично.
Секако, метаморфозата е еден од подоцнежните процеси на духовното трагање, па така не се случува при првиот контакт со одредена литература, неколкудневна духовна пракса како јога и медитација или при упорно повторување на одреден број афирмации или мантрање.
Во суштина, возрасниот човек, личноста која се формира околу триесетите години или порано е склона кон прилагодување на општествените правила за тоа како би требало да изгледа еден живот и кон што да биде насочен.
Иако прилагодувањето кон сѐ нешто, како на пример, идеја за тоа што е успех, добра работа и пристоен живот, оди обично бавно и се чини безболно, одделувањето од пипците на општеството знае да биде болен процес. Секако, многу е тешко целосно да бидеме надвор од матрицата на тоа живеење, но најмалку што може да се направи е да се цели кон будно живеење и свесност во свет во кој тоа општество не цеди преку тие пипци со сета сила.
На што се мисли во однос на метаморфозата?
Отфрлањето на оние слоеви кои општеството ги напластило на нас, како и одбивање на формите на однесување, зголемување на свеста за вистинските вредности кои треба да се следат, а не оние кои општеството постојано ги менува и наметнува да се следат, издигнување на еколошката свест и уште многу други аспекти се нештата кои ги опфаќа нашата метаморфоза.
Таа најверојатно ќе се случи како нуспроизвод на наше долгогодишно трагање по вистината, по поставување на несекојдневни прашања како, кои сме, од каде сме, зошто сме тука и слично. Метаморфозата ќе се случи ако сите обиди за прилагодување кон општествените норми се неуспешни, а успевате да се поднесувате со општеството само до раб на основна егзистенција. Метаморфозата може да подразбира целосно враќање кон вашата изворна интелигенција или шестото сетило, со што би можеле да добиете изостреност на ова сетило, при што умот ќе ви стане слуга наместо господар. Секако, во тој правец, егото секогаш ги губи битките со вас и сѐ почесто може да живеете ослободени од најразлични бариери напластени на вашите физички и нефизички тела.
