Кога се наоѓате на патот на вашата духовна преобразба и кога чувствувате како во вашата внатрешност нештата се менуваат или преуредуваат, едно е сигурно, ништо не може да се случи на сила и за сѐ постои вистински момент. Едноставно, ако забележите дека станувате мрзоволни или едноставно дека ви прекинал интересот за работа на себе тоа не значи дека вашата еволуција замрела. Можеби е време за мал одмор, а можеби и тоа се само предизвици преку кои би ги научиле некои посуптилни лекции.
Најчесто, кога силно ги доживувате внатрешните промени кои се благодат за вас, или да речеме се позитивни, може да се случи да ви се разбуди и некое чувство на еуфорија, или да земете здраво за готово дека оттогаш натаму нештата ќе бидат розови. Но, за жал не функционираат така работите во невидливиот свет и секогаш има на што да работите и што да ви биде предизвик или искушение. Еволуцијата на душата се одвива токму така, и таа не е ограничена само на читањето духовна литература или духовна пракса како јога, медитација и слично.
Така, ако веќе сте почнале повеќе да се отварате кон Изворот, или кон Бог, кон универзумот, зависи како милувате, ако сте успеале неколкупати да воспоставите лична комуникација со божественото, или наоѓате начин да дојдете до тоа без посредство на религијата или некое друго лице, многу е веројатно таа релација да не биде постојано отворена. Животот во материјата е многу поинаков на она што би бил ако сите дозволиме божественото да протече низ нас и тоа е една од причините зошто е тешко да се одржи таа врска постојано.
Во секој случај, дури и ако наидете на денови кога нема да успеете да станете од кревет затоа што ќе сметате дека сте претерано тажни или секојдневието ви е бесмислено, или ако сте во одлична психичка состојба, но едноставно немате мотив за секојдневните обврски, знајте дека најважно е да го имате духовниот развој како приоритет. Ова не значи со сила секогаш да трагате по литература или друг тип на содржини, да гледате видеа или документарци, но значи да го чувствувате Бог во вас како приоритет, а потоа сѐ останато. Божественото секогаш знае како најдобро да искомуницира со вас, па овде би можела да помогне и мала анализа од вас на кој начин вам ви се покажувал патот во минатото.
Не мора да значи дека знаците кои ги добивате треба да бидат некои стандардизирано спиритуални. Може да се случи кавга која ќе ве натера да размислувате во сосема нов правец, може вашата неволност да ве натера да почнете со некоја духовна пракса со која ќе се мотивирате во секојдневието или пак едноставно ќе ви дојде почесто да се заблагодарувате за она што сте го постигнале. Што и да се случи, секогаш доаѓа она што треба да дојде, секогаш се сѐ случува во вистинскиот момент.
Секако, за духовен развој, најнапред потребна е еластичност на умот, затоа што тој е инструмент преку кој нашата душа доаѓа до еволуција и собира искуство. Дозволете си да сфатите дека кутија не постои, па размислување надвор од кутијата не е потребно. Дозволете си и да замислите како Бог и божественото се сеприсутни, па материјата само создава илузија дека ние сме оставени сами на себе. Изворот има големи планови за секој од нас!
