ДУХОВНОСТ

Трансформирајте се вие и ќе настане посакуваната промена кај сите наоколу

Често се случува само папагалски да ги повторуваме некои мудрости, а во суштина воопшто да не ни знаеме што значи вистински да се случат и да се применат. Така, познати се мудрите изреки кои даваат на важност на промената на индивидуата најпрвин. На пример, сме слушнале дека ако се промениме ние самите, ќе го промениме целиот свет. Исто така, позната е и мислата дека најголемото патување започнува со еден единствен чекор.

Интересно е колку овие две мисли се поврзани. Всушност, индивидуата е во корелација со тој единствен чекор кој треба да се направи за било каков подолг пат. Во секој случај, нештата не се одвиваат кај сите исто, па така некои личности може да доживеат потресни настани кои ќе ги променат, некои може да постигнат промена со макотрпна работа на себе, кај некои тоа може да се случи поспонтано и слично.

Она што е интересно за оваа тема е дека штом ќе ја осознаете на своја кожа вашата промена и ќе сфатите дека навистина сте тргнале некаков слој од себеси, вие ќе се почувствувате ослободени, а воедно и ќе ви се подобри квалитетот на животот.

Често се случува во односите со другите луѓе да очекуваме многу нешта меѓу кои и одредено однесување, а самите да не го даваме она што мислиме дека го манифестираме. Многупати може да се случи да имаме сосема погрешна слика за нашето однесување, па дури и да не идентификуваме кај себе некои состојби кои ги блокираат контактите и односите со блиските, пријателите или луѓето од околината. Секако, за тоа е потребно и да имате поддршка, но сѐ додека не освестите самите што ве блокира не можете да направите скок и да преминете на следно ниво. Некој друг може да ви посочи каде ви е проблемот, но вие треба да одработите за да настане промената.

Некои може одеднаш да сфатите некои работи за вас при непријатни доживувања или несреќи, а некои може тоа да го постигнат со долгогодишна работа на себе, интроспекција и духовна пракса. Сеедно, она што е важно додека се трансформирате е да бидете и свесни дека таа трансформација не настанува без рушење на некои слоеви на егото. Тој човечки механизам кој во мајата или илузијата на материјата е одговорен за тоа дека сме сите посебни единки, па и посебни со посебен карактер и посебни вредности, самодоверба и слично, мора да почне да се руши за промената да биде видлива.

Самокритиката е една од техниките која е потребна за контрола на егото, интроспекцијата не води подлабоко во душата, но спознанието дека во телото како возило се чува божествената искра која нѐ претставува нам како душа е она што е повредно и од било кое себевреднување и самодоверба. Самото наше постоење е вредност сама за себе и тоа ги руши сите слоеви на егото, но за да се дојде до тоа спознание, што значи „да се почувствува на своја кожа“ таа искра ве носи на тој пат каде „се менувате вие, а со тоа се менуваат и сите околу вас“.

Кога сте тргнати на вашето духовно патување и духовно метаморфозирање, неизбежно е да ги погледнете искрите на сите луѓе во секој од нив и според тоа, ако претходно ви се промениле односите со некој пријател на полошо може одненадеж да почувстувате како вашиот меѓусебен однос е подобар. Не заборавајте дека сите големи промени започнуваат со само еден чекор, па не двоумете се да се соочите со предизвиците кои ќе ви се појават на патот на метаморфозирањето.

Не значи дека секогаш околу вас ќе има само личности со кои ќе имате прекрасен однос, но спознавањето на вашата душа и особено сфаќањето дека самото ваше постоење е вредно секогаш ќе ви донесе сѐ што треба и ќе ги привлече сите со кои треба да дојдете во контакт – директен или индиректен.

Изгрејсонце на новиот ден
ЗА АВТОРОТ

Marta Dimitrov