За оние кои се родени пред појавата на интернетот, досадата беше многу интересна работа. Всушност, тоа беа моменти исполнети со прашања поврзани за нашето постоење овде на планетава. Зошто сум, кој сум, од каде сум, што правам тука, која е целта на постоењето, итн. Можеби не сите деца се прашувале постојано, но барем поголем дел од оние родени некаде до раните деведесети години се дел од оваа група на луѓе кои сега се божем возрасни.
И додека се сервираше една друга пандемија, испливаа на површина сосем друг тип на здравствени проблеми кои ги имаат луѓето. Менталното здравје стана тема за која на долго и на широко почна да се дискутира. Но, за жал тоа не е многу поосетливо од било кој грип, па не се лечи со една доза антибиотик и најчесто бара и работа на себе цел живот. А, колку може да одделиме време за себе од онаа динамика со која се соочуваме постојано?
Прочитав многу интересна мисла – баланс не постои! И се подразмислив малку на темата, за да сфатам дека навистина, ако сакаме да излеземе од вртлогот на општественото делување, постои опција секогаш и тоа бара одредени жртви, но не можеме постојано да се обидуваме да бидеме и продуктивни на работа, и добри домаќинки, и исполнети со нашите омилени активности и хобија, и добри родители кои одвојуваат доволно време за своите деца и слично.
Понекогаш, ако не и често можеби ќе треба добро да го искалкулирате излегувањето од обидите да балансирате, но ако верувате дека сте дојдени на светов со некоја посебна цел или мисија, а не за да работите за некој друг нешто што не ви е од интерес и не ве исполнува доволно, охрабрете се!
Ако сметате дека не правите доволно за да се промените или да настане промена надвор од вас, а која зависи од вас, започнете со запишување на сите оние работи кои ги правите додека сметате дека ништо не преземате. Било кој пат започнува со еден единствен чекор. Потоа следи втор, за третиот можеби ќе треба време повторно да се потсетите зошто сакате да продолжите, но вербата во она за што сте создадени ќе ве однесе на правото место и таму ќе ви биде удобно.
И сѐ се случува во вистинско време. Ако одреден период сте собирале храброст како плод од внатрешна работа на себе, потоа тоа ќе треба да се алпицира во вашето однесување, а потоа и во активности на кои сакате да се посветите. Верувајте дека сте му потребни на светот и светот ќе верува во вашиот избор да преминете на едната страна и да престанете да чекорите по жица. Тоа е заморно и болно за вашите нозе, а вие заслужувате да уживате во секој миг од вашиот живот.
