ДУХОВНОСТ

Зошто постојат големите трагедии и каде грешиме кога колективно и индивидуално се соочуваме со нив?

Периодот во кој живееме не може да се окарактеризира како безбеден. Животот ни се одвива во време во кое сведочиме големи несреќи и покрај напредна технологија, (навидум) големи достигнувања во медицината или неочекувани природни катастрофи. Неслучајно се наведени овие три главни сегменти од нашите животи. Ерата на информатичката технологија ни создава илузија дека животот е полесен, болести има повеќе од лекови, а природата се труди што почесто да нѐ потсети дека ја забораваме и дека претеруваме со нејзино користење и уништување.

Кога ќе слушнеме за некоја голема несреќа со голем број на жртви за која ги посочуваме како одговорни други луѓе, забораваме на сопствената одговорност што ја носиме како луѓе. Наречете го судбина или согласете се дека постои карма, колективна и индивидуална, како сакате и ќе увидите дека секој сноси одредена одговорност за (не)среќата. Некој има заслуги за улога на жртва, некој за улога на одговорен за несреќата за која ќе судат институции. Многумина ќе го осудат овој пасус, а со тоа и авторот на текстот, но нам ни е тешко да го одиме патот нагоре секогаш затоа што притоа губиме од својата удобност.

Во однос на колективната карма, ако се работи за нешто за што би можело да се обвини човек, секогаш се посочува прст на другиот, а ако се работи за природна катастрофа, рацете се спојуваат во молитва за да се сочува тоа што е останато и полесно да се возобнови она што се уништило притоа, а е изградено од човечка рака. Ете, една мала релација на факторите човек и природа. Прашањето би било, зошто не се дрзнеме да ја обвиниме природата при земјотрес или поплава на пример?

Смееме ли да судиме?

Ние сме навикнати да си ја даваме привилегијата да судиме, но кога стоиме исправени пред нешто помоќно од човечкиот фактор – природата, осудувањето и простувањето се исклучени како дејства кои ни стојат на располагање во однос на тоа што се случило и предизвикувачот, природата.

Умот најлесно се анимира со негации и црна хроника

Уште потрагично е кога несреќите се истакнуваат со уште потрагични содржини и наслови онлајн. Луѓето имаат некоја чудна навика да кликнат на она што е негативно. Веројатно затоа што умот многу лесно апсорбира негативни вести, па полесно е да се анимира со црнила. Инаку, ако би се свртел насловот со што би се истакнал позитивниот исход од она што се случило би било сосема поинаку.

Но, дали отсекогаш било така? Дали постоело време во кое се немало пристап до огромна количина на информации како сега и луѓето биле повеќе изложени на култура, на уметност, на отменост и одбрани настани? Постоело, да, но ние веќе тоа време не го сведочиме, затоа што сме навикнати на медиумските пропаганди полни наслови што ги карактеризира тага, злоба, несреќи и слично. Така „истрениран“ нашиот ум мора да вложи огромни напори да ги заобиколи тие вести и да престане да ги истакнува уште повеќе баш тие настани. Напорите да се помогне во најтешките моменти на засегнатите се сосема во ред и треба да се интензивираат.

Зошто се случуваат трагедиите со голем број на жртви?

Ние не знаеме што сме се договориле со Бог кога ни е овозможено како душа да дојдеме во тело и да се родиме на Земјата. Но, едно е сигурно, тука сме за душата да напредне, да еволуира, да собере искуства, а со тоа и мудрост која ќе му ја даде на Бог како подарок за возврат кога ќе се врати кон светлината. Истовремено, додека сме само гости, човек не треба да заборави дека е како дрво, и дека има предци и ќе има потомци по некоја линија.

Не е никаква тајна дека теоријата на Дарвин за еволуција го објаснува можеби физиолошкиот развој на човекот, до некаде и психолошкиот, но никако духовниот. Таа теорија, одејќи од физичкото кон духовното, а не обратно, прикажува дека духот и душата на човекот се занемарливи. И оттаму, човекот не се грижи за корените на дрвото кое го претставува, на кое е стебло, а уште повеќе за неговите гранки.

Што значи тоа? Секој човек што се раѓа на Земјата има шанса да го чисти кармичкиот товар од своите предци. Како? Така што ќе биде добар нивен претставник. Ако тие биле имале пороци, тој ќе ги одбегнува, ако биле скржави, тој ќе биде наклонет кон дарување, но без желба да добива за возврат, ако биле љубоморни, нервозни и често тажни, тој ќе се труди да ги елиминира тие отрови. Колку и да се чини дека во себе ги нема, бидувајќи растен во опкружување во кое тие емоции биле присутни, тој ќе треба свесно да ги елиминира и тоа пред Бог е одговорен, за себеси е грижлив, а за другите пред и по него дарежлив. И тоа не е гордост на еден човек, туку должност.

Колективната тага е период на преродба

Колективните несреќи се случуваат за луѓето да можат да ги препознаат и вреднуваат нештата што ги имаат и на колективно ниво. Во период во кој вибрацијата е ниска на невидливо ниво, се случува некаква катастрофа независно од факторот од кој е предизвикан. Исто е и на индивидуално ниво. Кога единката ќе го допре дното, очајот, единствениот пат е нагоре. Животот не се состои во анализа на она што се губи, туку во вреднување на она што се живее. На земјата ги оставаме порано или подоцна, но пак се враќаме. Од несреќите се учи најмногу, само луѓето порадо одбираат да пливаат во тага, отколку да го зачуваат она што го загубиле во убави спомени и да се определат да тргнат кон промена внатре во себе. Којзнае, можеби и тие кои останале да страдаат по оние кои заминуваат не се добар претставник на нивните корени, па ги коси чумата на губење на непроценливото – човечкиот живот.

Со сосема мирна свест и чиста совест за текстот авторот се воздржува од долевање масло на огнот и држење до својата работа на Земјата. Часовникот отчукува за сите, но оваа интернет локација нема да го носи тој наслов ако и самиот автор не паднал 33 пати, за да стане најсилен на триесет и четвртиот.

Поглед од манастир Св. Стефан во Охрид
ЗА АВТОРОТ

Marta Dimitrov