Во модерното живеење на 21 век една тема што порано беше поподнослива интензивно се активира. Постарите генерации кои растеле и живееле опкружени со многу помалку стимуланси и комуникација ја имаат онаа карактеристика дека друштвото, забавното, интересното и неосаменото во секој случај треба да дојде од друг човечки фактор. Од друга страна се поновите генерации кои растеле и живеат со технологија и за нив таа е стимул за нивно расположение и друштво, во смисла дека преку неа доаѓаат и забавата и комуникацијата со луѓе.
Ова се два типа на генерации од кои првите успеале да ја изградат личноста побезбедно во смисла дека повеќе се соочиле со себе и задржале некои вредности, а вторите се уште изгубени од звукот на нотификациите, повиците, и стимулансите од други фактори кои најчесто доаѓаат технолошки. Меѓутоа она што сега, во ова време, и на двете категории им е заедничко е дека живеат во ера на информации и неспорен е фактот дека сите се во исти кош без исклучок без разлика кој колку контрола има над реакциите на стимулансите.
Како ова е поврзано со самотијата или осаменоста?
Постојаната изложеност на стимули без разлика дали се тоа технолошки звуци и пораки, или комуникација со луѓе во живо, оневозможуваат човек да стапи во контакт во подлабоки слоеви од своето битисување со што би работел на своите повисоки нивоа на свеста. Кога една жена или маж кој живеел децении со својот партнер и бил или била семеен човек останува сама, тој или таа се соочуваат со осаменост и тоа е резултат на тоа дека таа личност била дел во матрица на постоење каде е зависна од постоењето на партнер или деца. Ова е особено препознатливо кај балканската жена, која сиот живот го посветува на семејството, можеби не толку временски, или не се вложува многу во домаќинската работа, не дава се од себе, но креира психолошка матрица во која таа ужива некоја припадност, некое нешто кое е нејзино, гнездо. Кога енергетски таа матрица трпи загуба, шаблонот на функционирање се распаѓа, таа нема за кого да биде тука и доаѓа моментот кога личноста која постои зад тоа, индивидуата која стои во тоа тело на посветена семејна жена, не знае да функционира како индивидуа.
Од друга страна се помладите генерации кои дури и кога живеат сами, постојано се опкружени со средства за комуникација со други, филмови во изобилство и слично, а воедно тука се и очекувањата од околината, притисоци од старите генерации за тоа како да живеат и што им е потребно во животот, традиционалниот ред на образование, работа, семејство, деца итн. Притиснати од многу фактори, често и со изнудена желба за таквиот живот, младите го следат истиот модел на постарите – го бираат тој традиционално структуриран живот, а со структурата ја бираат и филозофијата која лежи во сето тоа. Иако поновите генерации во природа се многу поголеми индивидуалци, немаат механизми да си го реализираат тоа.
Разните начини на рекреација кога сте сами не е самотија
Ако вашето време сами дома го планирате и минувате со серија, кампањско читање книга, социјални мрежи или некоја активност која во голем дел ви помага да не сте многу многу во контакт со мислите, да контемплирате, да се анализирате, да ги анализирате другите, да правите интроспекција, или некои други аспекти на вашите потреби на битието, тоа не е минување време во самотија, туку обично рекреирање додека сте сами.
Самотијата не треба да биде нешто што е подносливо, затоа што таа е природна потреба на битието. Меѓутоа кога навиките и уверувањата се дека времето мора да се пополни, треба да се прави нешто, да не ги пушташ мислите така сами, може да ви стане лошо, да почувствувате анксиозност или паника, треба многу време и труд да се дојде до вистината дека самотијата е најголемиот лек и чистач на сите нечистотии кои може да ги собереме од сешто околу: интеракции, комуникација со луѓе, преоптовареност од работа, погрешни одлуки, лоши третмани од други итн.
Прочитајте и: НИЕДНО ПАТЕЊЕ, СТРАДАЊЕ И БОЛКА НЕ Е ВРЕМЕ ФРЛЕНО ВО ВОДА
Враќање кон себеси
Човекот во својата срж ова го има во себе, душите имаат такви искуства, но не може човек да го добие тоа како вештина веднаш. Мора да направи услови за душата да почне да се сеќава на своите изворни почетоци и вистински потреби.
За да се вратите на себе не треба многу за почеток. Сѐ може да се извежба, со половина час, или еден час без телефон, без комуникација, без телевизија, без музика. Само себеси! Ставете се во ситуација да сте сами со себе, можеби легнете на кревет за да ви биде удобно. Што чувствувате? Можеби чувство дека нешто треба да направите: ќе се сетите дека имате незавршена работа, дека не сте се јавиле некому, дека не сте одговориле нечија порака, дека треба да се вклучи машина, дека е подобро да излезете… Тука почнува борбата. Повлечете се чекор назад и видете: дали ќе се случи нешто ако не направите така како што ви дошепнува умот, со некоја намера за активност? Повторно сакате да направите нешто? Вратете се уште еден чекор назад. Каде сте вие во цела приказна? Дали сте осамени, може да ја поднесувате само вистината на тоа дека сте сами, имате потреба од нешто конкретно, или согледувате дека ја губите битката.
Не плашете и се на осаменоста. Таа знае да ве научи на многу нешта, само има еден праг кој звучи токму онака како што опишав погоре: како губење. Но, токму на тој праг не се губите себеси, туку имате шанса да ги изгубите сите нешта кои ви штетат: лажни уверувања, туѓи очекувања и наметнати вредности, нешта кои сте научиле дека треба да ги правите, а не ви се омилени итн.
Тука ќе го распакувате багажот на сите битки и тешкотии низ кои минувате и кои чувствувате дека не ви чинат. Баш таму запомнете: вашите битки и потешкотии се најмоќното средство кое може да го поседувате за личен раст и напредок!
