Умот најчесто клокоти
на сто степени врие, испарува
дури ние бараме дополнителна занимација
за досадата како наш најголем проблем
за што е доказ падот
во замките за човештвото
каде се бара да имаш заборавено
на сопственото суштествување
дури се вариш на тивко
како жива жаба
ставена во студена вода.
Животот се живее со леснотија
кога имаш дисциплина на духот
и ако не можеш ни пет минути да молчиш
молчи десет
ако сакаш да си со друштво постојано
биди почесто сам
ако имаш проблеми за решавање
прифати ги како предизвици
и сѐ така со ред…
И дури мислиш дека немаш мир во умот
се вртиш десно и гледаш
птица која одмора на една нога
и гледа во концентричните кругови
на водената површина
како одраз на твоето ново руво
оти токму така Бог праќа пораки
токму преку одразот на околината.
