Многумина може да кажат за себе дека поминале долги периоди, месеци, години, па и децении минувајќи низ одредени состојби на болки и страдање во кои и вистински не ги вкусувале убавините на земскиот живот, туку повеќе преживувале и се обидувале да бидат добро. Кога минуваме низ таквите процеси проследени со патење најчесто одблизу не можеме да ги забележиме подлабоките причини зошто сето тоа се случува, туку само се обидуваме да се справиме со симптомите и се држиме до оние причинители кои нам ни изгледаат логични во моментот. Сепак, ниедно патење, страдање и болка не е време фрлено во вода – тоа е дел од метаморфозата, процесот на созревање и учење на лекции.
Лекциите се секогаш позадината на сите случувања во животот
Животот е едно големо училиште и тука постоиме да ни еволуира душата и да собира искуства. Душата се спушта во тело и живее живот затоа што најпрво има желба за одредено искуство. Попатно се соочува со спознанија дека во материјалниот свет не е онака како што тоа изгледало во нематеријалното постоење и тука настануваат судирите на земските интереси, слободната волја, првичната желба, но и космичките закони кои треба да се почитуваат. Така душата која веќе постои во тело се вплеткува во кармички обрасци и нејзиниот земски живот е резултат на нејзините акции. Кармата, како реакција на нашите акции не е казна туку тоа е живописна патека, неретко со пречки, низ која чекориме и учиме лекции за нашето постоење.
Кога ќе успееме да излеземе од некој магичен круг на повторувања на патење, неуспех, болка, и се свртиме назад, може да кажеме дека многу време сме поминале во разни животни проблеми, но ако сфатиме дека тоа било време за лекции, ќе ја сфатиме и нашата регенерација и ќе дојдеме до сознание дека ни се случила метаморфоза. Метаморфозата е отфрлање на старите начини на функционирање и со осознавање на нови лекции доаѓање до ново руво во кое може поквалитетно да го оствариме нашето постоење. Како да дојде до метаморфоза ако нема болка додека ја отфрламе старата кожа и ако притоа не научиме некоја лекција?
ПРОЧИТАЈТЕ И ЗА ДУАЛНОСТА НА ЧОВЕКОТ И УМЕТНОСТА ДА СЕ БИДЕ ЦЕЛОСЕН
Кармичките обрасци не се казна туку помагало преку кое ги учиме лекциите
Многу често кога ќе се спомне кармата се мисли на казна. Секоја личност, секоја душа има свои кармички обрасци или шеми од кои е дел и низ кои треба да ги научи лекциите. Обично кармичките обрасци се низа повторувања кои се најочигледни во односите со другите луѓе и оттаму ни произлегуваат т.н. проблеми. Но, ние не треба поединечно со секој да решаваме некој однос. Попрво, кармичката врска е како шема на однесување која душата ја сведочи постојано во материјалниот свет. Ние треба да дозволиме свежина од желба за промена на шемата внатре во нас штом ќе ја препознаеме, за по неа да следат промени во сиот процес низ кој полека се ослободуваме од шемата додека границите на тој шаблон се рушат. Така таа матрица на однесување не е повеќе применлива како стил во самите нас и тоа се аплицира кон сите души, односно луѓе, или сѐ што се врзува на таа кармичка нишка.
